Соопштение од Општа болница со проширена дејност – Кочани

Почитувани,

На 20.03.2021 година, Општа болница со проширена дејност, заедно со министерот доц. д-р Венко Филипче и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ја пушти во употреба Модуларната ковид болница, една од седумнаесетте во Република Северна Македонија и прва во Источниот регион од Републиката. На некои наши сограѓани тоа не им се допадна, и по пуштањето, во името на граѓаните како граѓанска иницијатива, му поставија неколку прашања на министерот. Се испостави дека таа иницијатива имала политичка конотација, односно дотичниот бил претседател на огранок на политичка партија и на останатите кои се јавуваат со недолични коментари на социјалните мрежи. Во таа смисла би сакал да им појаснам дека Модуларната болница не е ниту на министерот Филипче ниту на градоначалникот Илијев, туку на граѓаните и на Кочани и на регионот кој го опфаќа, и по надминувањето на пандемијата останува во владение на Општата болница со проширена дејност – Кочани. 

За посочувањето за немање на 24-часовна специјалистичка дејност во некои оддели, сакаме да ве информираме дека вашите наредбодавачи требало да ви кажат дека според Законот за здравствена дејност е предвидено освен со дежурствата, 24-часовна дејност да се обезбедува и со приправност и повик, за кој впрочем се плаќа.

Во однос на кадровската политика да ве потсетиме дека овие две и пол години на специјализација се пратени 13 специјализанти. Само за потсетување, за претходните 12 години, институцијата беше финансиски пропадната на работ на затворање, поради непружање на доволен број здрвствени услуги. Со помош на министерот Филипче, кој ни понуди да бидеме Центар за ампутации, предизвик кој ние го прифативме, се извлековме од незавидната ситуација. П.С. Една ампутација Фондот за здравство ја плаќа 600.000 денари, за споредба со една операција на слепо црево која е 20.000 денари, а на жолчка 60.000.

Да ве потсетиме вас и вашите наредбодавачи дека помина времето кога медицинска сестра земаше поголема плата од специјалист, а на некои специјалисти им се исплаќаше бонус над 1.000 евра на неколку месеци, кога одредени специјалисти и медицински сестри се испраќаа на едукација, читај: туристички посети на атрактивни клиники и градови во светот. Набавките во тој период изгледаа вака: преграден ѕид чинел 1.200.000 денари, прозорец во Итната медицинска помош кој чинел 650.000 денари и автомобил т.н. специјализантски со кој секој вторник и четврток се патуваше за Скопје.

Сега со помош на Министерството за здравство се набави анестезиолошки апарат по цена од 50.000 евра, имаме донација од Јапонската амбасада која се реализира во тековниот месец, ехо и ЦТГ за Гинеколошкото одделение во вредност од околу 50.000 евра. Аплициравме и добивме на Конкурсот на СЗО, заедно со Клиниката за инфективни болести во Скопје, единствени на ниво на Западен Балкан за енергетски ефикасни болници, финансисрани од UNDP. Градежниот институт Скопје веќе ја почна постапката за обнова на фасадата и ентериерот во болницата.

За наредбата за користење на лична заштитна опрема за вработените, да ве информираме вас и вашите наредбодавачи дека донациите се добредојдени, но тие се само капка во морето од набавките на лична заштитна опрема. Впрочем, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое време на денот и ноќта доаѓа и испитува дали има доволно, според закон, заштитна опрема, дезинфициенси и лекови и досега нема најдено забелешки, а наредбата е дадена во контекст на лична одговорност на вработените.

И за вакцините кои ги спомнувате, требало да ве информираат вашите наредбодавачи, дека сите вработени во јавните и во приватните здравствени установи имаа достапен меил и прашалник за да се пријават за имунизација, а приоритет имаат оние кои директно работат во ковид амбулантите и одделенијата и тоа пријавување е на доброволна основа. Наместо да обвинувате за малкуте вакцинирани, едуцирајте го вашето членство вработени во нашата институција зошто не се пријавиле за имунизација со напомена дека петмина вработени и по добивањето на термин за вакцинација не се јавиле на вакциналниот пункт.

Се надеваме дека додека броите починати од ковид се уверивте дека вирусот навистина постои и дека нема да ја бојкотирате масовната имунизација која почнува наскоро.

Уште еднаш ве замолувам, ако не можете да помогнете, не го уривајте здравствениот систем и не ги потценувајте натчовечките напори на колегите и на целокупниот медицински персонал во борбата против пандемијата.

Со почит,

Стручен колегиум на Општа болница со проширена дејност – Кочани

Сподели: