Во врска со написот „Потпорен ѕид се заканува да сруши куќа на улицата ‘Гроздан Трифунов’“, објавен на интернет-порталот „Гласно“, Општина Кочани ве информира дека е во тек со состојбата на теренот.
Стручните служби досега неколкупати го посетија критичното место при што е констатирано дека градежните интервенции за отстранување на бетонските делови од ѕидот и земја ќе се одвиваат постапно, со цел да не се доведе во прашање стабилноста на објектите што се доведени во опасност.
Се работи за сериозен зафат кој бара сериозен пристап, а не импровизација. Интервенцијата не смее да биде избрзана и незаконска, посебно затоа што се работи за постапување во приватен имот, за кој жителите не поседуваат имотен лист. Постапката ќе се спроведе според прописите. Изборот на најповолен изведувач е на самиот крај, по што ќе следува целосна санација.
Општина Кочани ги повикува граѓаните при градењето и одржувањето на домовите да се однесуваат совесно и одговорно за да се намалат причините за незгоди кои можат да предизвикаат несреќи од поголем обем.