СОУ „Гошо Викентиев“ го објави конкурсот за пријавување ученици во рамките на Еразмус плус програмата на Европската комисија за учество во проектот „Европски стандарди во областа на електротехниката и телекомуникациите“.

Станува збор за конкурс со практична настава и мобилност за учество во проект во Р. Бугарија. Проектот трае 16 месеци во периодот од 01.06.2020 до 30.09.2021година. Мобилноста на учениците ќе трае 15 дена во Р. Бугариja.

-Како училиште сме партнери на Еразмус плус проектот „Европски стандарди во областа на електротехниката и телекомуникациите“ кој е во финална фаза и доколку дозволат здравствените услови треба да се реализира во периодот од 4 до 17 јули. Четиринаесет денови, две групи од по 10 ученици ќе присуствуаат на обуки во странство каде стручно ќе се дообразуваат, истакна Тони Велков, помошник-директор на СОУ „Гошо Викентиев“.
Потребни документи за пријавување на конкурсот се:
- Потврда за редовен ученик;
- Копии од свидетелствата од претходните учебни години;
- Потврда за познавање на англиски јазик;
- Мотивационо писмо;
- Сертификати за учество и награди од натпревари;
- Пополнет формулар за апликација (Student Application Form);
- Договор за мобилност на ученикот (Learning Agreement);
- Согласност од родител
Критериуми за пријавување се:
- Да се редовни ученици во СОУ „Гошо Викентиев“;
- Да имаат минимум многу добар просечен успех во претходните учебнигодини;
- Да имаат солидно постигнати резултати, докажано стручно знаење и вештини, засновани врз работата на задолжителната пракса од училиштето;
- Да имаат добри компетенции за англиски јазик – учениците треба да имаaт основно ниво на владеење на јазикот А1.
- Мотивационо писмо со кое секој кандидат ќе има можност да објасни зошто сака да учествува во проектот и зошто проектот е важен за него;
- Одговорен однос кон процесот на учење;
- Учество и награди од натпревари.
Изборот на кандидатите ќе го направи училишна комисија а резултатите ќе бидат објавени јавно – на огласна табла во училиштето како и на веб-страницата на училиштето. Со секој пријавен кандидат, комисијата, освен што ќе го разгледува образецот за апликација за учество и проценка на кандидатите, ќе направи и Лично интервју (со цел да се потврди мотивацијата на секој ученик).
Приоритет при донесување на конечната одлука за изборот ќе имаат оние кандидати за кои ова е единствена можност да учествуваат во професионална пракса во странство.
Документите заедно со апликацијата, кандидатите може да ги достават лично најдоцна до 15.05.2021.
За овој Еразмус проект училиштето воспостави соработка со Центарот за европски иницијативи од Стара Загора, Р. Бугарија.