СОУ „Гошо Викентиев“ доби техничка опрема од вклученоста во „Акцес програмата“ која е дел од проектот за усовршување на англискиот јазик поддржан од Стејдепартментот на САД а имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование и Американската амбасада во Скопје.
Опремата ќе се користи за реализација на наставата. Од Кочани во проектот се вклучени 25 ученици од двете средни училишта како и професорките по англиски јазик Лидија Коцева и Голубина Цекова.
-Станува збор за програма која што се реализира во 85 земји во светот а учествуваат над 100 илјади ученици. Во нашата се спроведува во 10 градови меѓу кои е и Кочани. Екипата од Кочани брои 25 ученици и двајца наставници. Целта е на програмата е изучување на англиски јазик и усовршување на вештини кои што ќе им се најдат на учениците во понатамошниот личен кариерен развој. Инаку, како дел од проектот училиштето доби ЛЦД проектот, лап топ компјутер, печатач и метален шкаф за потребите во кабинетот по англиски јазик, рече Голубина Цекова, координатор на проектот.
На проектот му претходеа реализирани обуки на професорите, а активностите кои се во тек се реализираат онлајн. Станува збор за онлајн разговори на учениците со луѓе кои постигнале многу во животот и изградиле успешна кариера. Тие се гости на работилниците а разговорот со учениците се води на англиски јазик со цел усовршување на јазикот и стекнување вештини кои ќе им помогнат во животот и градење на кариерата на учениците.
Како дел од проектот ќе следуваат и други активности како што се чистење на околината за подигање на еколошката свест за здрава и чиста средина, организација за дарување подароци денот на вљубените, одбележување на денот на книгата, како и натпревар за брзо читање на англиски јазик.
За летниот и зимскиот период доколку дозволат мерките за заштита од Ковид 19 планирано е одржување на летен и зимски камп. На крајот од проектот кој што е планиран да трае 2 години учениците ќе добијат сертификат и дипломи за учество кои ќе им послужат за полесно учество во проекти во САД.