Социјалистичката партија на Македонија вечерва во Кочани го отвори Општинскиот изборен штаб во пресрет на претседателските и парламентарни избори во Македонија.
Во присуство на членови и симпатизери на партијата и коалиционите партнери, свое обраќање пред присутните имаше претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски.
– Ние сме сериозна и победничка коалиција која води сметка за интересите на народот и државата. Не постои разлика во однос на националните и државни прашања и одамна се поставени црвените линии. Очекуваме коалицијата „За обнова на Македонија“ да биде победничката страна за да може да формираме Влада без уцени и условувања. Затоа ни е потребна вашата поддршка што помасовно. Нас ни е потребно единство и сплотен народ, истакна Димовски.
Димовски додаде дека новото раководство на Општинската организација на Социјалистичката партија на Македонија во Кочани ветува и е во сериозен подем. Тоа го потврдува фактот што Кочани е меѓу првите градови каде партијата отвори свој општински изборен штаб.
На отворањето на изборниот штаб присуствуваа пратеници во Собранието на Македонија како и градоначалници од Источниот регион.
И. Матеничарски