Детската градинка „Павлина Велјанова” од Кочани ќе ослободи социјално загрозени ромски семејства од плаќање партициципација за целодневен престој на нивните деца во учебната 2020/2021 година.
Во рамки на проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование”, предвидено е бесплатен престој во градинката да се обезбеди за 25 деца Роми, на возраст од три до шест години, чии родители се во категоријата на висок социјален ризик.
-Проектот претставува продолжение на веќе воспоставената практика од изминатите неколку години за згрижување и едукација на ромските деца чии семејства не се во можност тоа да им го обезбедат. Притоа, неопходно е да бидат исполнети соодветни критуериуми, а за приемот на децата ќе решава посебна комисија во која има претставници и од локалната самоуправа и од невладиниот сектор. Дечињата ќе бидат сместени во објектите на градинката, „Цветови” кај Градскиот пазар и „Ѕвездички” кај населбата Усова Чешма, истакна Едита Миткова, директорка на градинката „Павлина Велјанова”.
Трошоците за престој на децата Роми ќе бидат покриени со сопствени финансиски средства на градинката, а согласнот за тоа треба да даде и Советот на Општината.
Миткова нагласи дека редовно се врши дезинфекција и дезинсекција на сите простории во петте објекти на градинката, што е дел од мерките за здравствена заштита од коронавирусот. Исто така, завршени се и другите технички подготовки за прием на децата и за почеток со нормална работа, а за што се чека одлука од ресорното министерствто.