Со акција на општинската администрација пошумени дел од опожарените предели на Осоговските Планини

Вработените во општинската администрација во Кочани  денеска реализираа акција за пошумување на пределот кој беше опожарен во минатогодишниот пожар на Осоговските Планини.

Во подножјето на планината беа засадени дел од обезбедените 8000 садници бор и багрем, додека останатите, во следниот период ќе бидат засадени и на други локации во општината.

-Во рамки на редовните активности општинската администрација изврши пошумување на делот каде минатата година имаше пожари. Со оваа активност помагаме во обновување на шумите кои беа зафатени од пожарите, а од друга страна придонесуваме за подобрување на квалитетот на воздухот. Пошумувањето ќе продолжи и во следниот период за што ќе детектираме и дополнителни локации, истакна градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Илијев додаде дека во план е пошумување на површини над Фабриката за вода, бидејки голем дел од зелените насади кои таму се засадени се затрупани со ѓубре и уништени од неодговорни граѓани.

Акцијата за пошумување на опожарените предели на Осоговските планини се спроведе по иницијатива на Општина Кочани, а со поддршка на ЈП „Национални шуми“ подружница – Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: