Со буџетски средства ќе се чистат одводните канали во Кочанско

Општина Кочани обезбеди 2 милиони денари од сопствениот буџет за чистење на околу 3,5 километри земјани канали во рамничарските села.

Единицата на локалната самоуправа првпат презема ваква активност, во рамки на законските ингеренции за заштита од поплави на населените места, при што ќе се работи на машинско чистење на одводните канали.

– Планиран е ископ на земја од каналите на длабочина од 30 до 50 сантиметри, а ќе се отстранува и обраснатата трева, трска и корења од дрвја. Ископаниот материјал ќе се носи на Градската депонија и со чистењето на ваков начин ќе се опфатат канали со должина од над 2,6 километри. Дополнително, уште 700 метри ќе бидат машински исчистени, но извадената земја и другиот материјал ќе бидат одлагани покрај самите канали, како дополнителна заштита од можно излевање на водата – информираат општински служби.

Во тек е јавен повик за избор на давател на услугата, а рокот за пријавување е до 10 феврауари. Со избраниот изведувач ќе се склучи договор, по што во период од два месеца тој треба да ги исполни презмените обврски.

Неисчистените канали и фрлањето комунален и друг отпад во каналите, беше една од причините за поплави во рамничарските села, како што беше и лани во селата Грдовци, Горни и Долни Подлог.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial