Со доделување благодарници и признанија на повеќекратни крводарители одбележан Светскиот ден на крводарителството

На мини свеченост во Мултикултурниот центар во Кочани, Општинската организација на Црвен крст – Кочани го одбележа 14 Јуни, Светскиот ден на крводарителството.

На свеченоста беа доделени благодарници и признанија на повеќекратни крводарители, за 5, 10, 25, 50 и 75 пати дарувана крв.

-14 Јуни е Светски ден на крводарителството, прогласен од страна на Светската здравствена организација. По тој повод денеска Црвен крст Кочани организираше настан за свечено доделување на благодарници и признанија на повеќекратни крводарители. Приликата сакам да ја искористам да упатам голема благодарност до сите крводарители кои ги посетуваат нашите акции и даруваат крв и спасуваат човечки животи. Крвта не спојува сите нас и сите треба да бидеме хумани, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.

Коцева ја истакна важноста на крводарувањето особено во пандемијата со Ковид-19 кога единствен начин за постојано обезбедување на крв и крвни продукти се крводарителските акции и хуманоста на крводарителите.

Признанија за 75 пати дарувана крв беа врачени на Тони Глигоров, Васе Митев, Велимир Павлов, Огнен Георгиев, додека за 50 пати дарувана крв признанија добија Тони Каров, Ванчо Ристевски, Венцо Стаменков, Миланчо Гоцев, Марин Стојанов.

Благодарница за 50 пати дарувана крв доби и Влатко Јанкулов, повеќегодишен крводарител кој за прв пат дарувал крв уште како средношколец.

-Лично чувствувам телесно и духовно задоволство кога дарувам крв. Препорачувам сите што можат да даруваат и со тоа да ја покажат својата хуманост. Најголемата желба и мотивација за крводарување ми е да спасам што повеќе човечки животи. Признанието за 50 пати дарувана крв за мене е очекувано и се надевам дека ќе стигнам до 75 па и 100 дарувања на крв, истакна Влатко Јанкулов, долгогодишен крводарител со 50 пати дарувана крв.

Годинава изостана доделувањето на признание за 100 пати дарувана крв, но низ годините признанија биле доделени на Коце Коцев, Драгољуб Арсов, Ацо Ангелов, Димитар Велков и Петар Делчев.

Светскиот ден на крводарителството е ден кој се одбележува со цел да се искаже благодарност на крводарителите како важен фактор во обезбедување на доволно количество крвни резерви како и промоција на крводарителството и негово афирмирање.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: