Со концерт на пијано, гитара и традициски инструменти започна манифестацијата „Музичка среда“

Во големата сала на Мултикултурниот центар во Кочани вечерва се реализираше првиот од низата музички концерт во рамки на манифестацијата „Музичка среда“, што во организација на ООМУ „Ристо Јуруков“ ќе се реализира во месеците април и мај.

Учениците од кочанското музичко училиште се претставија пред публиката со дела од светски и домашни познати композитори во изведба на пијано, гитара и традициски инструменти.

– Манифестацијата „Музичка среда“ е нешто ново за кочанската публика. ООМУ „Ристо Јуруков“ во текот на месец април и мај ќе реализира вкупно 8 концерти, односно секоја среда по еден, на кои ќе се претстават учениците во класите на сите професори на инструментите кои ги изучуваат во музичкото училиште. Целта е да се популаризира музиката како единствен светски јазик кој сите го разбираат и да им дадеме можност на нашите ученици за промоција на сработеното пред публиката – рече Марија Лазарова, директор на ООМУ „Ристо Јуруков“.

На првиот од низата концерти настапија над дваесетина ученици од кочанското музичко училиште под менторство на своите наставници.

Од музичкото училиште ја искористија приликата да ги поканат граѓаните секоја среда во месеците април и мај со почеток од 19 ч. во Мултикултурниот центар да присуствуваат на концертите во рамки на програмата на манифестацијата „Музичка среда“.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: