Со концерт на Суперхикс, Берза на винили и базар на рачни изработки викендов продолжува Летната културна програма во Кочани

Викендов продолжуваат културните настани во рамки на Летната културна програма 2021, во пресрет на празникот на градот, Петровден.

За в сабота (10 јули) со почеток од 11 ч. на Пониква ќе се одржи Етнофестивалот „На Петровден сите на планина“ и традиционална средба на Власите од регионот.

Во вечерните часови, со почеток од 21 ч. во Градскиот парк концерт пред кочанската публика ќе одржи групата Суперхикс, а пред концертот свој настап ќе има локалниот бенд Malinov Crew. Во истовреме, со почеток од 21 ч. во населбата Оризари е закажана проекција на документарен филм за деца и возрасни на патувачкото кино Македокс.

В недела (11 јули) со почеток од 9 ч. ќе се вози  велосипедската тура „Осоговска авантура“ на релацијата Пониква – Царев Врв – Пониква .

Посебен печат на годинашнава културна понуда ќе ѝ даде Берзата на винили, со домашни и странски изложувачи, посветена на страстните љубители на грамофонските плочи. Настанот ќе се одржи со почеток од 11 ч. во Градскиот парк, каде истовремено ќе има пазар на уметнички ракотворби со изложувачи од Македонија.

Завесата на годинашнава културна програма ќе биде спуштена на празникот Петровден, понеделник, 12 јули, кога со почеток од 21 ч. на повеќенаменското игралиште во дворот на гимназијата „Љупчо Сантов“ е закажано финалето на овогодинешното 19. издание на Петровденскиот турнир во мал фудбал.

И. Матеничарски

Сподели: