Со низа активности ДГ „Павлина Велјанова“ го одбележа 22 април, Денот на планетата Земја

Дечињата од Детската градинка „Павлина Велјанова“ со низа на активности  го одбележаа 22 април, Денот на планетата Земја.

Со рачни изработки од пластелин и цртежи дечињата денеска ја претставија планетата Земја онака како што ја замислуваат.

Од детската градинка во Кочани информираат дека во текот на месец април реализирани се повеќе активности во рамки на одбележувањето на Денот на планетата Земја.

-Веќе еден месец во градинката посветивме на активности за зачувување на нашата планета. Големите групи во сите објекти имаа повеќе активности преку кои играа, истражуваа и научија како да придонесат против загадувањето на биосферата.Креиравме виртуелна табла на која учителките во текот на месецот ги поставуваа своите активности. Во рамки на Еразмус + проектот заедно со  децата од Шведска, Грција, Турција, Романија и Италија, по повод роденденот на планетата Земја се вкучивме во активноста предизвикот на Јерусалема танцот, истакна Сања Стоилкова, педагог во ДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани.

Стоилкова додаде дека денеска се доделуваат и наградите од претходната година за еко херои од градинката коишто заедно со своите семејства придонеле во зачувување на околината.

Во соработка со повеќе министерства и Општина Кочани, детската градинка е вклучена и во проектот за еколошка едукација „Нула отпад“, чија цел е управување со електронскиот отпад и собирање на отпадни батерии. Во градинките се поставени садови во кои се складираат батерии за рециклирање донесени од дечињата.

Сподели: