Делегација од ОУ„Св.Кирил и Методиј“ на чело со директорот Даниел Кралев, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во дворот на основното училиште во Кочани.
- Денес во пресрет на претстојниот празник, празникот на браќата Св. Кирил и Методиј во нашето училиште се одржа мала свеченост по повод патрониот празник на нашето училиште. Од страна на делегација од Општина Кочани, предводена од градоначалникот и членови од Советот на Општина Кочани и делегација формирана од ОУ„Св.Кирил и Методиј“ се положи свежо цвеќе на споменикот на браќата Кирил и Методиј, кој се наоѓа во училишниот двор на нашето училиште. Оваа година бевме принудени да го прославиме празникот два дена порано, од причина што во текот на следните денови можеби во нашата држава ќе има воведено полициски час, па токму поради таа причина нема да бидеме во можност да го одржиме чествувањето на празникот на којшто впрочем и секоја година го одржуваме, а тоа е 24-ти Мај- изјави директорот на ОУ „Св.Кирил и Методиј“, Даниел Кралев.
Воедно Кралев ја искористи приликата на сите граѓани да им го честита празникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, а упати честитка и до припадниците на муслиманската вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам.
Свежо цвеќе на споменикот на Кирил и Методиј положија и делегација од Општина Кочани, предводена од градоначалникот Николчо Илијев, Советот на Општината, како и Миле Лефков претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кочани.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов
Сподели: