Со проекти за заштитата на животната средина – пред фондовите на Европската Унија

Претставници на унгарската асоцијација „Кронос“ одржаа работна средба со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и со тим од Центарот за развој на Источниот плански регион, на која се разгледаа можностите за оформување и апликација на проекти од областа на заштитата на животната средина во фондовите на Европската Унија.

Градоначалникот Илијев ги претстави приоритетните предлог-проекти за Кочани, давајќи акцент на можноста за искористувањето на оризовата слама во производство на електрична енергија, проект што воедно ќе обезбеди и заштита на животната средина од сегашната пракса на спалување на жетвените остатоци.

Илијев ја нагласи потребата и од изградба на постројки за пречистување на отпадните води на Пониква, на можностите за искористување на геотермалните води во бањски цели, како и на повеќе други проекти поврзани со решавање на загубите на вода од водоснабдителниот систем во Кочани.

Предноста на Кочани во однос на другите општини од регионот е што за голем дел од проектите веќе располага со подготвена техничка документација.

Сподели: