Со промотивен видео запис Црвен крст – Кочани го одбележа јубилејот од 75 години постоење

Со промотивен видео запис, Општинската организација на Црвен крст – Кочани го одбележа јубилејот од 75 години од основањето на организацијата во Кочани.

Преку видео материјал е прикажан историјатот, настанокот и делувањето на локалниот Црвен крст. Видеото е изработено од волонтери во општинската организација,  а при изработката користени се стари архивски фотографии, изјави на поранешни и сегашни волонтери, со што е направена една временска ретроспектива на создавањето на Црвениот крст во Кочани.

-Идејата за изработка на ова видео произлезе од  јубилејот од 75 години на постоење на Црвен крст –Кочани. Видеото следи една временска линија каде што во почетниот дел  се прикажани стари фотографии од активности на Црвен крст Кочани  во поствоениот период и така движејки се низ годините ситигнуваме до едно модерно, сегашно време. Втора компонента на видеото се изјава на дел од многуте волонтери кои  имаат дадено огромен придонес во спроведување на активностите на Црвениот крст како и градењето на самата организација, изјави Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.

Коцева додаде дека целите на хуманитарното работење во изминатите 75 години  не се променети и тие остануваат исти, а тоа е помош на најранливите категории на граѓани.

„ Црвен крст – Кочани како хуманитарна организација е присутна изминативе 75 години. Нашите активности  со волонтерите продолжуваат и во иднина, бидејки тие се главните носители и основата на функционирањето на Црвениот крст за што искрено им благодариме“, истакна Коцева.

Изработениот запис има за цел да остави траен белег за идните генерации волонтери, но и да искаже благодарност на сите чинители кои придонесоа за развој на организацијата во Кочани.

Црвениот крст на Република Македонија е формиран на 17 март 1945 година, додека Општинската организација на Црвен крст Кочани е формирана на 20 декември истата година.

На првото конститутивно Собрание на организацијата во Кочани, за прв претседател на Црвен крст – Кочани бил избран Д-р Стојан Николиќ.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial