Во организација на библиотеката „Искра“, а со поддршка од Министерството за култура и од локалната самоуправа, под мотото „Другарувањето со книгите ни е песна“, во Кочани по десетти пат се реализира Фестивалот на децата, книгите и музиката.
Во рамки на четиридневната манифестација по повод Меѓународниот ден на литература за деца, денеска во Мултикултурниот центар во Кочани се одржаа две промоции на дела од творештво за деца.
На настанот беа промовирани три книги на авторката м-р Жаклина Мучева, „Трилогија Деби Му“ на издавачката куќа „Едука Мак“.
– Содржината на трите книги е значајна бидејки кај децата развива жеба за љубопитност. Тие истражуваат, а во истовреме добиваат и голем број на информации за потеклото на разни предмети, животните, морскиот свет.Третата книга содржи голем број на познати и помалку познати споротови преку која децата се запознаваат со нив.Навистина ми е драго што денеска ги претставувам моите книги токму пред публиката во Кочани, истакна авторката м-р Жаклина Мучева.
Во присуство на уредникот на издавачката куќа „Македоника литера“ Нове Цветановски, пред публиката беа промовирани и седум книги на најчитаниот кинески писател за деца, Шен Шенси.
– Денеска промовираме една нова едиција со исклучително квалитетни книги за деца и млади. Ја промовираме едицијата со новели и раскази за животни од најпознатиот и најпродаваниот кинески писател за деца и млади, Шен Шенси. Шенси е познат како кралот на приказните за животни и со својот специфичен пристап за пишување остава посебен белег кај младите читатели, истакна Нове Цветановски, уредник на издавачката куќа „Македоника литера“. Промотор на делата е м-р Љупка Стојменова.
На настанот беа доделени и наградите од Ликовниот конкурс на тема „Музиката на зборовите“ како и благодарници за соработниците на библиотеката „Искра “ – Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов