Со традиционално зажнејување на ориз и вршење на гумно спуштена завесата на 30. издание на „Денови на кочанскиот ориз“

Со традиционален приказ на рачно зажнејување на ориз со срп и вршење на гумно, во кругот на Институтот за ориз официјално започна годинашнава жетва на ориз  во Кочанско.

Обичајот на жетва на оризот беше прикажан од членовите на фолклорниот состав на Здружението на пензионери од Кочани, кои во традиционална носија го претставија начинот на зажнејување на кочанското бело злато.

На презентацијата на обичаите присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, директорот на Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, делегации од збратимените градови од Казанџик Р. Бугарија и Сигетсентмиклош од Р. Унгарија и останати гости.

Во рамки на манифестацијата, градоначалникот на општина Кочани Николчо Илијев, додели награда од 60 илјади денари за најдобар оризопроизводител за 2020 година, признание кое му припадна на Тоше Јорданов, земјоделец од Кочани кој предал оризова арпа во количина од 21 тон.

Манифестацијата беше збогатена и со музички настап на Фолклорниот ансамбал „Љупчо Сантов“ од Оризари.

Воедно, на затворањето на манифестацијата, на платото во Градскиот трговски центар во Кочани свој настап имаа домашни и странски фолклорни групи, а беа прикажани и анимирани филмови и едукативни еколошки видеоматеријали поврзани со осоговскиот заштитен предел. Во рамки на манифестацијата се одржа и работилница за анимација со учениците од основни училишта во Кочани, од страна на претставници од Фестивалот „Анимакс“ од Скопје.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: