Со традиционален приказ на рачно зажнејување на ориз и вршење на гумно во кругот на Институтот за ориз во Кочани, симболично се одржа 29. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
Обичајот на жетва на оризот беше прикажан од членовите на фолклорниот состав на Здружението на пензионери од Кочани, кои во традиционална носија го претставија начинот на зажнејување на оризот во Кочанско.
На манифестацијата присуствуваше заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Трајан Димковски кој во својот поздравен говор ја истакна важноста на оризопроизводството и поддршката која Владата и ресорното министерство ја дава на оризопроизводителите.
Во рамки на манифестацијата, градоначалникот на општина Кочани Николчо Илијев, го додели признанието најдобар оризопроизводител, кое му припадна на Игорчо Ангелов, земјоделец од Грдовци кој на 20 хектари земја одгледал вкупно 167 тони ориз.
Посебно признание беше доделено и на Месната заедница од селото Горни Подлог за придонес во реализација на велосипедската прошетка „ По патеката на оризот“, а го прими Ванчо Јосифов, претставник од М.З Горни Подлог.
Меѓу присутните во Кочани беше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, пратеници во Собранието на Р.Македонија, советници од Советот на Општина Кочани и останати гости.
Манифестацијата беше збогатена и со музички настап на Фолклорниот ансамбал „Љупчо Сантов“ од Оризари.
Повеќедневните содржини од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ годинава се сведени на минимум поради коронавирусот, а денешното симболично одбележување е со цел да не се прекине тридеценискиот континуитет на манифестацијата.
И.Матеничарски
Фото: A.Арсов