Со Фестивалот на култура, традиции и обичаи, вечерва во Кочани беше отворена летната културна програма која ќе трае до 12 јули, празникот на градот – Петровден.
На летната сцена при Центарот за култура „Бели Мугри“ во рамки на фестивалот, со традиционална музика и народни ора, настапија фолклорните ансамбли ФА „Љупчо Сантов“ (Оризари), АТМИ „Митко Алексов“ (Кочани), ФА „Љупчо Сантов“ (Зрновци), ФА „Китка“ (Истибања),ФА „Мугри“ (Кочани) и ФА „Палави Ножинки“ (Општина Гоце Делчев – Бугарија).
Претходно, фолклорните состави во традиционална народна носија продефилираа низ улиците во Кочани, од Градскиот плоштад до платото на ЦК„Бели Мугри“.
Фестивалот на култура, традиции и обичаи е дел од проектот „Нашето заедничко минато, патека за заедничка иднина“ финансиран од ЕУ, а реализиран од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија, проект со кој во Кочани е реконструиран Мултикултурниот центар.
Летната културна програма продолжува в петок, 2 јули (петок), кога на програмата од 17:30 ч., во Мултикултурниот центар е закажана промоција на книгата „Математичка поезија“, на авторката проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска. Вечерта, со почеток од 21 ч. во Градскиот парк настап пред кочанчани ќе има локалниот бенд „Тајм Аут“.
До Петровден, публиката ќе има можност да проследи 14 литературни, филмски, ликовни и музичко-сценски содржини за различни генерации и вкусови.
Програмата изработена од Општина Кочани, ќе се реализира во соработка со граѓански здруженија, институции и поединци, а во нејзините рамки се вклопени и спортско-рекреативни настани, влезени во годишниот календар на случувања.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов