Новата учебна година за сите ученици од основните и средните училишта во Кочани започна денеска со физичко присуство и под посебни здравствени протоколи поради пандемијата со Ковид -19.
По година и половина онлајн настава, вкупно 2.633 ученици во основно и 1.217 во средното образование седнаа во училишните клупи во кочанските училишта.
Годинава за прв пат во училишните клупи ќе седнат 307 првачиња, а во средните училишта наставата ја почнуваат 288 ученици во прва година.
На првиот училишен ден во новата учебна година, во обиколка на основните и средни училишта беше и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
-Учебната година ја започнуваме во услови на пандемија, а училиштата се спремни за почеток на новата учебна година. Годинава имаме новина во образованието со воведување на дуалното образование, нешто што е тренд во Европа, а за што има голем интереси кај нас. Посакувам успешен старт на новата учебна година, успех, добро здравје и среќа на сите ученици, истакна градоначалникот Илијев.
-Почнуваме подготвени со дезинфицирани училници и реконструирани простории согласно протоколите за работа. СОУ „Љупчо Сантов“ во моментот брои 578 ученици од кои во прва година се запишани 122 ученика. За прв пат почнуваме со дуално образование во две паралелки, хемиско-лабораториски техничар во кои се запишани 26 ученика и бизнис администратор каде ќе учат 22 ученика, истакна Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.
Во средното стручно училиште „Гошо Викентиев“ запишани се 167 ученици во прва година, во постојните струки, но и со опфат во три дуални паралелки.
Доколку се влоши епидемиолошката состојба и се зголеми ризикот од ширење на заразата, од Министерството за здравство информираат дека ќе се премине на друг модел на настава односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.
За евентуална промена на моделот на наставата ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести и МОН ќе постапи по нејзините инструкции.
И. Матеничарски