Со 980 илјади евра неповратни средства ќе се подобрува патната инфраструктура во градот

Општина Кочани ќе добие 980 илјади евра за изградба и рехабилитација на улиците „Тодосија Паунов“, „Раде Кратовче“ и „Гошо Викентиев“.

Со меморандумот за разбирање што го потпиша градоначалникот Николчо Илијев, средствата се дел од седумдесетте милиони евра кои ќе им бидат распределени на сите 80 општини во државава за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа.

Ваквата неповратна поддршка од државата, е значаен бенефит за локалната заедница и уште повеќе ќе ја подобри патната мрежа во Кочани. Имено, на листата на реализација за тековната година се наоѓаат над 30 улици и патишта, како во градот, така и во населените места, а изведбата за повеќе од половината е веќе започната.

Средствата се одобрени од Светска банка, за подобрување на локалната патна инфраструктура, како значаен фактор за економски раст и развој,рамномерен регионален развој и за еднакви можности за квалитетен живот на граѓаните.

Висината на распределените средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површината и бројот на регистрирани моторни возила во општината.

Сподели: