Спортските терени во дворот на СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани го добиваат посакуваниот изглед.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев заедно со секретарот на Општината, Александар Јосифов и директорот на кочанската гимназија, Игор Христов направија увид во градежните работи на терените кои се во завршна фаза на реконструкција .
Како што информираше директорот Христов, моментално се работи на инсталација на лед осветлување, а преостанува уште поставувањето на корпите за отпадоци, спортските реквизити и исцртување на теренот за кошарка и одбојка.
– Реновирано е најстарото кошаркарско игралиште во Кочани со поставување на 182 м2 тартан подлога, осум финтес справи кои веќе се во функција и граѓаните на општина Кочани ги користат, особено помладите генерации. Останува поставување на кошаркарските реквизити и исцртување на терените за кошарка и одбојка, истакна Христов.
Со реконструкцијата е опфатена вкупна површина од 702 метри квадратни, на која се поставени справи за финтес, а кошаркарското игралиште освен за својата првична намена, ќе се користи и како терен за одбојка.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев истака дека во изминативе три години интензивно се работело на реконструкција на училиштата, се со цел тие да добијат подобри услови за изведување на настава и нормално функционирање.
Рекунструкцијата и уредувањето на кошаркарското игралиште во гимназијата е во рамки на проектот за „Реконструкција на спортските терени и партерно уредување на СОУ „Љупчо Сантов“ чија вредност изнесува 2.152.654 денари.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов