Во рамки на одржувањето на ридско-брзинските трки на Пониква, кочанскиот автомобилист Дејан Манасиев организира донаторска акција за помош на Марија Стојкова од Кочани, која боледува од рак на белите дробови за што итно и се потребни финансиски средства за лекување со хемотерапија.
За таа цел в сабота и недела, во Здружението на возачи во Кочани во боксот покрај возилото на Манасиев ќе биде поставена донаторска кутија и список каде граѓаните ќе може да донираат за помош на Стојкова.
-Ги повикувам сите хумани граѓани да се вклучат во акцијата за собирање на финансиски средства за помош на Марија Стојкова од Кочани. Кутијата за донации ќе биде поставена во Здружението на возачи во боксот до моето возило, како и список за потпишување на тие што донираат заради поголема транспарентност. Собраните средства ќе бидат уплатени на сметка на Марија за што дополнително ќе ја информирам јавноста, истакна Манасиев
Гестот на Дејан Манасиев е за поздравување и ќе му даде една поинаква хумана димензија на спортскиот настан на Пониква. Поради ова тој ги замолува сите сограѓани да донираат и со тоа да помогнат на младата кочанчанка во битката против тешката болест.
И. Матеничарски