Општинската организација на Црвен крст – Кочани ја спроведе последната, третта обука од Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности, програма преку кој се помага на социјално загрозени семејства и се регрутираат нови волонтери во Клубовите на млади на Црвен крст.
На денешната обука 20 младинци од основните и средни училишта од Кочани се запознаа со документирањето на малите проекти за добробит на заедницата кои треба да бидат финализирани заклучно со 22 јуни.
– Денеска ја спроведовме последната треттата обука од ЦКА – ПХВ циклусот. Со тоа волонтерите добија соодветна обука да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата. Во следниот период, заклучно со месец јуни тие ќе ја истражуваат околината преку пронаоѓање на корисници на нивниот проект, пред се социјално загрозени семејства, ќе постават цел и организираат активности за да ги задоволат нивните потреби. 20 млади волонтери ќе бидат распоредени во неколку групи кои ќе работат на терен и по изработката на проектите ќе ги документираат и испратат на оценување до ПХВ инструкторите на програмата, рече Христина Христова, дисеминатор на програмата.
Најдобрите проекти од цела Македонија ќе бидат рангирани според успешноста, а општинските организации кои според рангирањето се најуспешни ќе бидат наградени.
Проектите се насочени за помош на ранливи категории граѓани и проекти за помош на заедницата во која младите опстојуваат. Главната цел на проектот е регрутирање на нови волонтери во Клубовите на млади при Црвен крст, но и помош на социјално загрозени семејства од општината.
ЦКА-ПХВ програмата е национална програма која во Македонија се имплементира повеќе од 20 години како една од најуспешните алатки за регрутирање на нови волонтери во организацијата на Црвен крст.
Фото: A. Арсов