Македонскиот репрезентативец, кочанскиот борач Иван Јанев го освои второто место во категоријата до 65 килограми, на Меѓународниот турнир во борење „Македонски бисер“ што вчера се одржа во Радовиш.

Јанев имаше успешен настап на турнирот, совладувајки двајца противници од Косово и Хрватска, додека во финалето претрпе пораз од борач -репрезентативец на скопска „Лирија“.
– Како дел од Македонската репрезентација во борење настапив во категоријата до 65 килограми. За да стигнам до финале имав две победи над борачи од Косово и Хрватска, додека во финалето поради повреда на коленото претрпев пораз од борач на „Лирија“. Со оглед на тоа што имав пауза од четири месеци поради иста повреда која на турнирот ја обновив, задоволен сум од постигнатиот резултат со надеж дека во најскоро време ќе се опоравам и ќе се вратам на победничкиот пиедестал – истакна Јанев.
Борачот Иван Јанев моментално ги брани боите на Боречкот клуб „Бучим“ од Радовиш.

На меѓународниот турнир настапија репрезентативци од државата и странство во различни тежински категории на натпреварување.
46. издание на Традициционалниот меѓународен турнир „Македонски бисер“ се реализираше во организација на Боречката федерација на Р. Македонија и техничка организација на БК „Бучим“.
И. Матеничарски
