Средба на угостителите од Пониква и организаторите на ридско-брзинските трки со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев


Пониква, развојот на туризмот, заштитата на животната средина, но и надминувањето на недоразбирањата во одржувањето на ридско-брзинските трки на патеката Кочани – Пониква беа дел од темите на средбата што по иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев се одржа со претставници на угостителите на Пониква и на организаторите на ридско-брзинските трки.


Угостителите го истакнаа задоволството од динамиката на развојот на Пониква и подобрувањето на условите за престој.


– Нема таков пат во Македонија што води до туристички центар. Најдобра патна инфраструктура има до Пониква. Општината ги има согледано сите проблеми и задоволни сме што се залага за развој. Добро е што заеднички можеме да разговараме за решавање на проблемите – рекоа угостителите од Пониква.


Градоначалникот Илијев истакна дека има уште многу важни прашања за развојот на спортско-рекреативниот центар на Пониква.


– Следува решавање на одводот на отпадните води и на водоснабдувањето со изградба на брана на Арамиска Чешма, проект кој веќе е аплициран до институциите. Реконструкцијата на ски-лифтовите е на самиот крај, а во координација со Општина Пробиштип, потребно е топовите за снег да се стават во функција и да се создадат услови за континуирано скијање. Со проектот „Планински велосипедски рај“ ќе има нови 28 легла во планинарскиот дом. Имаме поддршка од меѓународната заедница, сакаме да градиме едукативен центар, да го вратиме духот на Пониква кога беше посакувано место за организиран одмор на ученици.
На состанокот беа донесени неколку заклучоци: да се подобри хигиената, со исфрлање на градежниот шут на единственото соодветно место – Градската депонија и Општина Кочани да помогне во зимското одржување на паркингот заради побезбедно паркирање.
Во врска со прашањето за одржувањето на ридско-брзинските трки, Илијев истакна дека трките се во функција на промоција на Пониква, повикувајќи двете страни да се договорат за стандарден календар на трките.


Ранко Станојковски, претседател на комисијата за спорт при Автомобилистичката федерација на Македонија истакна дека Кочани ја има најдобрата патека за ридско-брзински трки во Македонија.


– Ова е високоризичен спорт. Бара многу ангажман. Пониква е прекрасно место и штета е да се прекине традицијата на ридско-брзинските трки, стара 30 години – рече Станојковски.


На крајот беше заклучено ридско-брзинските трки на Пониква да се одржуваат во последната седмица од април и во првата од септември, од 12 до 16 ч., при што организаторот да води сметка тоа не биде продолжен викенд. Последната трка од Државниот шампионат на Македонија ќе се одржи на 1 ноември 2020 г., од 12 до 16 ч., а како што најави Станојковски, контрола на патеката ќе вршат и претставници од Меѓународната автомобилистичка организација.

Сподели: