28 хумани крводарители денеска даруваа крв, на средношколската крводарителска акција што се спроведе во просториите на гимназијата „Љупчо Сантов“ во Кочани.
Акцијата беше наменета за сите средношколци, вработени во СОУ „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ како и млади лица до 30 години.
-Денеска се спроведува крводарителска акција во СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани. Акцијата е наменета за средношколци од двете средни училишта „Гошо Викентиев“ и „Љупчо Сантов“, како и студенти и други млади луѓе кои денеска може да даруваат крв. Дарувањето на крв е мал, но хуман чин, особено во услови на пандемија и затоа секое дарување крв е важно, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.
Крводарителската акција се спроведе со поддршка на Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, во соработка со Црвен крст Кочани и двете средни училишта од општината.
– Денеска за двете средни училишта СОУ „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ е голем хуман празник, во време на пандемија од Ковид – 19 гледаме да бидеме хумани и да испратиме силна порака до нашите полнолетни ученици и колегите од двете средни училишта, да даруваат крв и да бидат пример за останатите, рече Игор Христов, директор на гимназијата „Љупчо Сантов“.
Волонтери на Црвен крст Кочани во текот на акцијата се грижеа за почитување на посебните протоколи за заштита од Ковид-19, при што мереа телесна температура на дарителите, дезинфекција и делење на заштитни маски.
Од Црвен крст Кочани информираа дека до крајот на календарската година следува уште една крводарителска акција, закажана за последниот четврток во месец декември (31 декември), во просториите на Црвен крст – Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов