Општинската организација на Црвен крст – Кочани за утре и в петок најави средношколски крводарителски акции што ќе се спроведат во двете средни училишта во Кочани.
Утре,четврток, крв ќе даруваат гимназијалците од СОУ „Љупчо Сантов“, додека за в петок, крводарителска акција е закажана за средношколците од СОУ „Гошо Викентиев“.
-Традиционално двапати во годината, најчесто напролет и доцна есен, Црвен крст – Кочани организира крводарителски акции за средношколците од двете средни училишта во Кочани. Целта е кај младите луѓе да го поттикнеме крводарителството и да створиме навика за дарување крв. Акциите се закажани за в четврток во СОУ „Љупчо Сантов “ и в петок во СОУ „Гошо Викентиев“ каде крв може да даруваат учениците и вработените од училиштата, соопшти Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.
Како активност за поттикнување на средношколците да се вклучат во крводарителската акција, Црвен крст – Кочани спроведе мотивациска работилница за крводарување наменета за учениците од СОУ „Љупчо Сантов“.
Од Црвен крст – Кочани најавија дека до крајот на годината планирано е да се спроведе уште една крводарителска акција, закажана за последниот четврток во месецот (30 декември) во Црвен крст – Кочани.
Крводарителите може да даруваат крв секој понеделник и четврток во Службата за трансфузиона медицина – Кочани како и секој последен четврток во месецот во просториите на Црвен крст – Кочани.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов