Група на средношколци од средните училишта „Гошо Викентиев“ и „Љупчо Сантов“ реагираат на нехуманите и нечовечки услови во кои се превезуваат секојдневно за да стигнат до училиште и назад, користејки го бесплатниот училиштен превоз што ги следува по закон.
Средношколците во дописот истакнаа дека избраниот превозник ги превезува во комби во кое има 12 седишта, а во него се возат преку 30 ученици од осум села од пошироката кочанска општина.
– Ние учениците од селата Соколарци, Жиганци, Уларци и Чешиново претходните години имавме посебен превоз до нашите села, но од оваа учебна година не превезуваат заедно со учениците од селата Тркање, Облешево, Чифлик и Кучичино, во комбе кое има 12 седишта, а во него се превезуваат над 30 ученици. Секојдневно се случува претовар во комбето бидејки ги сместуваат сите ученици од селата. Превозот тргнува од 19:30 часот, во преполното комбе каде не можеме да земеме ниту здив, а до последната станица во Жиганци патуваме еден час повеќе од претходно и стигнуваме дури во 21:00 ч, а не како претходно во 20:00 ч. кога имавме посебно комбе за превоз, стои во писмената реакција испратена до интернет-порталот „Гласно“.
Учениците до интернет – порталот „Гласно“ испратија и видео снимка во која се гледа како во преполното комбе дел од учениците седат на седиштата, додека останатиот дел стојат и се превезуваат до својот дом.
Средношколците изразија надеж дека одговорните ќе ја сфатат сериозно нивната реакција и ќе обезбедат дополнително комбе за превоз. Воедно, апелираа и до сообраќајната полиција да врши контрола на превезувањето на патниците бидејки секојдневно се врши превоз со претовар на патници.
И. Матеничарски