Веќе шести месец жителите кои ја користат пешачката патека меѓу улиците „14 Македонска Бригада“ и „Осоговска“ се оневозможени безбедно да поминуваат по неа.
Потпорниот ѕид на патеката попуштил од надојдената вода во периодот на обилните врнежни на почетокот на август минатата година и целосно ја затрупал.
Бидејки станува збор за приватен посед, а сопственикот на имотот не е во финансиска состојба сам да го поправи ѕидот, соседите побрале помош во санирање на штетите од Општина Кочани. Како што кажуваат, служби од Општината излегле на терен и направиле увид, но засега состојбата се уште е непроменета.
Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за уредување и располагање со градежно земјиште во Општина Кочани информираше дека моментално приоритет се дава на изградба на потпорни ѕидови на улици кои се пред асфалтирање, но истакна дека ќе се направат напори да се санира и овој проблем.
Жителите кои ја користат пешачката патека преку интернет-порталот „Гласно“ уште еднаш упатија апел до надлежните за санација на потпорниот ѕид со цел безбедно движење по истата.
Како што истакнаа, ниските температури дополнително создаваат проблеми бидејки патеката подмрзнува и секое движење по неа е опасност за несакани повреди.Пешачката патека не е оградена со заштитна ограда, а нормалното движење и го попречуваат натрупаните остатоци од срушениот ѕид.
И. Матеничарски