Ставена во употреба реконструираната трибина на игралиштето во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ донација од компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“

Повеќенаменското спортско игралиште во дворот на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ доби реконструирана трибина, донација од компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ по повод 9 години постоење на фабриката.

На постоечката трибина на игралиштето изминатиов период се изведуваа градежни работи за поставување на настрешница и 120 пластични седишта за гледачите со што се овозможуваат подобри услови за следење на спортските натпревари и другите содржини.

Директорот на училиштето „Кирил и Методиј“, Даниел Кралев по тој повод денеска се заблагодари на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ за донацијата при што на генералниот директор, Сашко Наков, од името на училиштето му врачи благодарница.

– За гестот што од „Амфенол“ го направија кон нашето училиште и кон најмладите, за донацијата што ја дадоа, а со која добивме прекрасна спортска трибина, им доделуваме благодарница. Оваа трибина и претходно се користеше, но беше во многу поинакво издание од она што е сега. Ќе можат да ја користат нашите ученици, не само за спортските настани, туку и за изведување настава на отворено. Компанијата „Амфенол“ не само во оваа пригода, туку и многу пати досега излегува пресрет со многубројни донации, со цел да се подобри наставно-образовниот процес во нашето училиште, истакна директорот Кралев.

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“  како општествено одговорна компанија и понатаму ќе продолжи во поддршка за развој на пошироката заедница во која опстојува, истакна генералниот директор на „Амфенол“, Сашко Наков.

– Благодарам за убавите зборови за нашата компанија, ова е само продолжување на успешната соработка од минатато, а сигурен сум дека ќе продолжиме и понатаму. Училиштето го заслужува тоа, покажаа дека знаат да го ценат и да се грижат за она што сме го направиле за нив. Оваа трибина не е само за спортски натпревари, овде се и дечињата од едно одделение со својата наставничка, кои изведуваат настава на отворено. Тоа значи дека трибината е повеќенаменска и за училиштето и за останатите граѓани, истакна директорот на „Амфенол Технолоџи Македонија“, Сашко Наков.

Со предавањето на благодарницата за донаторот, новоуредената трибина на спортското игралиште и официјално се става во функција.

Сподели: