Ставени во функција дел од подземните контејнери во центарот на Кочани

На три од петте предвидени локации во централното градско подрачје на Кочани се ставени во функција подземните контејнери за хартија, пластика и комунален отпад.

Граѓаните веќе можат да го селектираат отпадот на две локации во Трговскиот центар и кај новиот станбен комплекс на улицата „Стево Теодосиевски“, со што  досегашното депонирање на отпадот на јавните површини се заменува со похигиенско, подземно складирање.

На подземните платформи се инсталирани по четири контејнери, од кои два за комунален отпад, а по еден за хартија и пластика. На површината има стандарно дизајнирана корпа за отпадот, а под површината се наоѓа сад за негово собирање. На тој начин ќе се избегнува непријатната миризба, расфрлање на отпадот, поместување и оштетувањето на контејнерите, а ќе се обезбеди и заштеда на јавниот простор.

На две комунални возила од КЈП „Водовод“ се поставени хидраулични приклучоци за подигање на подземните контејнери, односно постојната механизација е прилагодена за прибирање на отпадот од подземните садови.

Одговорните служби повикуваат на висока јавна свест при исфрлањето на отпадот во подземните контејнери, што ќе биде чекор напред за унапредување на јавната чистота во локалната средина.

Сподели: