Сѐ уште е активен шумскиот пожар над Кочани што поладнево избувна кај месноста „Пресечена скала“ во подножјето на Осоговските Планини.
На терен интервенираат пожарникари од Кочани, Виница и Штип, а на помош се и екипи од КЈП „Водовод“, Шумското стопанство „Осогово“ и Национални шуми.
Според информациите од терен, гори поголема површина на борова и ниско стеблеста шума, а поради силниот ветар огнот брзо се шири и е со променлив правец.
Се прават напори огнот да не го префрли ридот кон Браната Гратче со што би се загрозиле околните викенд куќи.
Пожарникарите со сите човечки и материјални ресурси прават напори пожарот да биде локализиран и во моментот нема опасност истиот да се прошири кон градот.
На лице место е и градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев кој ги координира надлежните служби. Во изјава за интернет-порталот „Гласно“ истакна дека се прават надчовечки напори за локализирање на пожарот и воедно побара од надлежните институции да се пронајде причинителот на пожарот.
Најверојатно причината за пожарите е човечки фактор за што известени се надлежните од ОВР Кочани.
Се интервенира и на гаснење на пожар во атарот на село Тркање, паралелно со ова локализиран е пожар на отворен простор кај селото Бања во општина Чешиново-Облешево.
Според последните информации ситуацијата на терен се следи и доколку се јави потреба ќе се побара помош од системот за управување со кризи.
И. Матеничарски