Технички прием на зградата на Мултикултурниот центар во Кочани

Во присуство на медиумите, претставници на Општина Кочани, изведувачот и техничкиот надзор на проектот, извршија технички прием на реновираната зграда на Мултикултурниот центар во Кочани.

Со проектот целосно е заменета кровната конструкција на објектот, нова термо фасада, тоалети и ПВЦ-столарија, нови подови како и комплетна замена на водоводна, канализациона и електрична мрежа, сигурносна и видео опрема како и инсталација на противпожарна и громобранска инсталација.

– Овој објект во централното градско подрачје беше целосно заборавен, создаваше грда слика и беше потполно нефункционален. Сметам дека со реконструкцијата којашто ја направивме објктот  ќе служи на сите граѓани на општина Кочани и ќе даде нова димензија на културното работење и на културните работници во Кочани, истакна градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Илијев додаде дека во тек е постапка за инсталирање на ладење и греење на објектот, преку проект финансиран од буџетот на Општина Кочани.

-Придобивките од овој проект се големи. Овој објект беше заборавен од времето, но денес сме сведоци дека изгледа прекрасно и навистина е добро изведен. Самиот проект предвидува низа на серии, работилници и обуки од најмладите до луѓето коишто се вклучени во институциите од областа на туризмот и културата, истакна Зуица Ангелова, в.д директор  на Центарот за развој на Источниот плански регион.

Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е во рамките на реализацијата на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, каде водечки партнер е Центарот за развој на Источниот плански регион, заедно со општина Гоце Делчев од Бугарија, која се јавува како втор проектен партнер.

Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е финансиран од ЕУ, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial