Непријатна миризба се шири од водите на Кочанска река, на потегот од Двојниот мост, па долж течението низ речното корито.
Неколку жители на Кочани до интернет-порталот „Гласно“ испратија реакција дека од цевка за атмосферската канализација најверојатно истекуваат фекалии, поради мешање на водите од атмосферската и фекална мрежа.
Бидејки загадувањето на водите на Кочанска река кај Двојниот мост е очигледно, побаравме став од КЈП„Водовод“, под чија надлежност е одржувањето на канализацискиот систем во градот.
- Од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ информираат дека не се запознаени со проблемот, но уште денес ќе испратат екипи за да ја испитаат состојбата.Оттаму додаваат дека во тој дел постојано се јавува проблем со една од шахтите, но екипи на „Водовод“ неколкупати месечно интервенираат и ја оспособуваат. Уверуваат дека нивни екипи ќе излезат на терен и соодветно ќе реагираат.
Истекувањето на фекалии во водите на Кочанска река е речиси невозможно бидејки Општина Кочани ја има одвоено атмосферската и фекална мрежа. Воедно, лани беше отворена и Пречистителната станица за отпадни води во селото Мојанци, каде се пречистуваат водите од фекални испусти во Кочани.
Често пати сме сведоци дека загадувањето може да биде предизвикано од злоупотреба на атмосферската мрежа од поединци или фирми со испуштање на отпадни води или пак едноставно да се работи за дефект на мрежата. Во секој случај проблемот треба да биде откриен и решен.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов