Екипата на „Ауто Велт“ е победник на 20. издание на Петровденскиот турнир во мал фудбал, по победата од 3-1 во финалниот меч против тимот на „Џинџер“.

Екипата на „Ауто Велт“ ја имаше играта под своја контрола во текот на целиот натпревар, на полувреме резултатот беше 2-1 во нивна корист, а точка на натпреварот беше ставена во вториот дел за конечни 3-1.
Претходно, на повеќенаменското игралиште во дворот на гимназијата „Љупчо Сантов“ се одигра меч за трето место, каде поуспешен беше тимот на „Пролет“ со победа од 4 – 1 над екипата на „Еволушан“.

На турнирот беа прогласени победниците за прво, второ и трето место, како и најдобар стрелец, играч и голман.



Екипата на „Ауто Велт“ како победник на турнирот доби ваучер од 60 илјади денари, на второпласираниот тим „Џинџер“ беше доделен ваучер од 30 илјади денари, а екипата на „Пролет“ како третопласирана доби 15 илјади денари.



Наградата за најдобар стрелец на турнирот беше врачена на Тоше Манов, од тимот на „ВЛТ“ Грдовци со 15 постигнати погодоци. За најдобар играч на турнирот награда доби Иван Стојчев од тимот на „Ауто Велт“ додека за најдобар голман беше прогласен Јоже Јованов од екипата на „Еволушан“. На тројцата им беа врачени ваучери во вредност од 6000 денари.
Благодарници беа врачени и на поддржувачи и помагатели во реализација на 20. издание на Петровденскиот турнир во мал фудбал 2022 година.
Турнирот беше во организација на ОФС – Кочани и Локалната самоуправа на Кочани.
И. Матеничарски


