Стоматолошката ординација „Оптимус Дентал“ и докторите М-р, Д-р Мери Арсовски и Д-р Андон Арсовски преку едукативни објави во соработка со интеренет-порталот „Гласно“ ќе ве доближат до стоматологијата, притоа споделувајки интересни едукативни информации во областа на оралното здравје.
Во денешната објава ќе прочитате за топ 7 совети за добро орално здравје!!!
Веројатно повеќето од вас знаат дека убавата насмевка бара грижа во текот на целиот живот. Таа не е подарок за кој едноставно можеме да и се заблагодариме на природата, туку е производ на долгогодишна грижа, труд и внимание.
Како и другите делови од телото, вашата уста е полна со бактерии – главно безопасни. Но, таа исто така е и порта кон дигестивниот и респираторниот тракт, а некои од присутните бактерии во устата можат да предизвикаат болест на другите системи.
Обично природната одбрана на телото и добрата орална нега, како што се секојдневно четкање икористење на забен конец, ги држат бактериите под контрола. Сепак, без соодветна орална хигиена, бактериите можат да достигнат нивоа што може да доведат до орални инфекции, до расипување на забите(дентален кариес) и болести на непцата.Затоа одржувањето на добра орална хигиена е една од најважните работи што човек може да ги направи за себе. Здравите заби не само што можат да ви дадат можност да изгледате и да се чувствувате добро, туку и да ви овозможат да живеете, јадете и зборувате правилно. Накратко, доброто орално здравје е важно за вашата целокупна благосостојба.
Еве ги нашите совети за правилна орална хигиена, кои докажано ви помагаат да го одржите здравјето на вашата насмевка на долг рок:
Мијте ги забите редовно, но не агресивно!
Повеќето луѓе се свесни дека миењето на забите три пати на ден е една од најважните практики за отстранување на наслагите и бактериите и одржување на забите чисти. Меѓутоа, четкањето може да биде ефективно само ако е навремено (најмалку половина час после јадење,наутро и навечер) и се користи вистинската техникана четкање. Добро е да ги четкате забите со мали кружни движења помеѓу 2 и 3 минути. Четката треба да се постави под агол од 45 °, почнувајќи од последните заби налево и продолжувајќи кон другите во насока на стрелките на часовникот. Прекумерното чистење или користењето четка за заби со тврди влакна може да ја оштети забната глеѓ и непцата.
Последиците може да вклучуваат зголемена чувствителност на забите, трајно оштетување на глеѓта и воспаленија на непцата.
Ви препорачуваме да користите четка за заби со меки влакна која ќе ја менувате на секои 3 месеци или кога врвовите на влакната ќе почнат да изгледаат истрошено.
Паста за заби со флуор
Експертитеод областана стоматологијата веруваат дека флуорот помага да се спречи расипување на забите,па затоа тој е честа состојка во пастата за заби и средствата за промивање на устата. Флуорот делува така што се бори против бактериите кои можат да доведат до расипување на забите, истовремено обезбедувајќи заштитна бариера на истите.
Всушност, флуорот е хемиски елемент кој во својата природна хемиска состојба е бледожолт гас. Може да се најде и во водата за пиење и во прехранбената индустрија, што пак значи дека е составен дел од нашето секојдневно мени.
Голем број на студии покажаа дека пастите за заби со флуор никако не му штетат на човечкото тело, тие можат да се користат и за природни заби и за коронки,мостови и за импланти, а нивната употреба во никој случај не му штети на вештачкиот материјал што се користи за овие изработки.
Меѓутоа, во зависност од нашата возраст, количината на флуор мора да се прилагоди.Прашајте го вашиот стоматолог на оваа тема и заедно изберете паста која е најсоодветна за вашите индивидуални потреби.
Забен конец
Забниот конец, иако не е многу популарен на нашите простори,е неверојатно значаен за правилно одржување на оралната хигиена.Тој може да ги отстрани наслагите и бактериите од просторите меѓу забите до каде што четката за заби не може да стигне. Користењето конец, исто така, може да помогне да се спречи лошиот здив со отстранување на акумулацијата на храна оставена во интерденталните простори.
Течности за испирање на уста.
Многумина од нас го прескокнуваат традиционалното четкање на заби и го заменуваат со плакнењето на устата како побрза,поедноставна метода која им дава инстантна свежина.Но треба да знаеме дека плакнењето е само дополнување на четкањето заби. Тоа може да биде исклучително корисно бидејки ја намалува количината на киселина во устата, ги чисти тешко достапните места во и околу непцата и ги реминерализира забите.
За да го изберете најсоодветното средство за плакнење на устата за вашите заби, консултирајте се со вашиот стоматолог. Некои брендови се најпогодни за деца и за оние со чувствителни заби, додека други се достапни само на рецепт и се користат при одредени орални заболувања.
Не го занемарувајте јазикот
Бактериите се акумулираат и на вашиот јазик. Ова може да доведе не само до лош здив, туку и до други здравствени проблеми во усната шуплина. Нежно четкајте го јазикот секогаш кога ги четкате забите со четката за заби и движења од назад кон напред, или со специјален чистач за јазик и исти движења ,од назад кон напред.
Јадете крцкаво овошје и зеленчук
Запомнете дека неселективно јадење тестенини и слатка храна е главната причина за расипување на забите. Јадењето свежа и крцкава храна не само што му носи на вашето тело повеќе здрави влакна, туку е и најдобар избор за вашите заби. Обидете се да избегнувате премногу преработена храна, престанете да ја сечете на мали парчиња или да ја блендирате и оставете ги вашите вилици да работат!
Посетете го вашиот стоматолог најмалку двапати годишно
Вашите секојдневни навики се клучни за целокупното здравје на усната шуплина. Сепак, дури и најдобрите четки и пасти за заби не можат да бидат причина да не го посетувате вашиот стоматолог редовно. Создадете ја вашата рутина за посета на стоматолог најмалку двапати годишно – верувајте во неговите вештини и потпирајте се на најдобриот совет што може да ви го даде за да ја задржите вашата насмевка убава.
Едукативните објави имаат за цел зголемување на информираноста и потенцирање на важноста и значењето на оралното здравје за целокупната човечка благосостојба. Сите информации изнесени во објавата се став на авторот.