Трајаново Трло повторно на удар на крадци – малолетеник снимен во обид за кражба

Населбата Трајаново Трло периодов повторно се актуелизира по немилите настани кои се случија пред една седмица кога група на револтирани граѓани нападнаа вработени во ЕВН Македонија додека извршувале работни задачи за санација на дефект предизвикан од диви приклучоци.

Загрижени граѓани до интернет – порталот „Гласно“ испратија видео материјал од 20 ноември 2023 год. на кој се гледа како малолетник влегува во отклучен автомобил паркиран во двор и во семејна куќа во населбата. На видеото крадецот прво ја разгледува околината, влегува во автомобилот и претура по него. Потоа крадецот влегува и во семејната куќа преку влезната врата која  е откулучена,  а откако е забележан од сопственикот на куќата излегува и со трчање бега кон улицата.

Сопствениците го пријавиле настанот во полиција при што направен бил и полициски записник. Граѓаните кои не контактираа изразија сомнеж дека обидот за кражба всушност е испитување на теренот од малолетниот крадец.

Жителите на Трајаново Трло последниот период се загрижени за својата безбедност откако претходно во населбата физички и вербалнo беа нападнати работници на ЕВН Македонија.  Како што тогаш информираше полицијата, три лица физички нападнале вработен додека извршувал работни задачи на санација на дефект и со метален предмет се заканувале кон останатите работниците.

Жителите на Трајаново Трло преку медиумите повторно апелират да не се дозволи повторување на настаните од пред две години кога населбата беше мета на група насилници и крадци.

И. Матеничарски

Сподели: