Трајан Јорданов зимата ја помина под отворено небо, со нарушено здравје оставен на милост и немилост на нефункционалниот систем

Трајан Јорданов, педесет и пет годишен жител на селото Бели изминатава зима ја помина под отворено небо, премрзнат и мокар, без храна и засолниште деновите ги минува низ улиците во Кочани или селото Бели.

Преживува од милостина на граѓаните и скромната социјална помош која ја добива од државата. Најчесто преспива на улица поради што поседниот период има и сериозни здравствени проблеми.

– Куќата во која живеам во Бели е распадната, немам покрив над главата и преживувам од милостина на граѓаните. Имам здравствени проблеми и тежок живот. Се движам на штаки, едната нога веќе ми откажува, се распаѓа и крвари. Бев во болница каде ми пружаа помош и ме пратија дома. А јас немам дома, мој дом е улицата и небото. Јас сум самец и немам фамилија. Ми помагаат само хуманите граѓани и соседи, ни раскажа Трајан кој го затекнавме кај селските гробишта во с. Бели.

Институциите како да кренале раце од Трајан. Честопати преспива на улица па граѓани пријавуваат во полиција, болница или Центар за социјални работи.  Во најголем дел од случаите сите се прогласуваат за ненадлежни, ни сподели граѓанин на Кочани кој неколкупати пријавувал кај надлежните институции и пробал да му помогне на Трајан.

– Го затекнав како два дена лежи на улица во Кочани. Пријавив во Итната медицинска помош и кога има кажав за кој станува збор одбија да дојдат. Пријавив и во полиција, дојдоа полицајци и им побрав како службени лица да пријават во болница и во Центар за социјални работи, одбија со образложение дека веќе е пријавувано за истото лице и никој не доаѓа дури и кога ги повикуваат од полиција. Лицето од други граѓани е пријавувано дека спие на улица и во Центарот за социјални работи и локалната самоуправа, но и оттаму нема реакција, ни раскажа Димитар од Кочани.

Новинарската објава нека биде поттик за сите надлежни институции во Кочани час поскоро да му помогнат на Трајан Јорданов, преку соодветно згрижување во институција каде ќе му биде пружана соодветна нега и медицинска заштита.  

И. Матеничарски

Сподели: