Трето место за учениците од СОУ „Гошо Викентиев“ на натпреварот МАССУМ во категориите најдобра видео реклама и веб-страница

Трето место на натпреварот Младинска Асоцијација на Средните Стручни училишта во Македонија – МАССУМ што  секоја година се организира на државно ниво освоија учениците од СОУ „Гошо Викентиев“. Тие  се натпреваруваа  во  две категории  „Најдобра видео реклама“ и „Најдобра веб страница“.

На рекламата работеа 6 ученици Ален Јангелов, Сара Темелкова, Бојан Алексов, Мила Велкова, Мартина Божинова и Ненад Ристов под менторство на професорката Голубина Цекова и со оглед на силната конкуренција задоволни се од постигнатиот резултат.

Целта на организирањето на овој натпревар е развивање на вештини и знаења кај учениците за дизајнирање и изработка на видео реклама.

-Ние учениците од СОУ „Гошо Викентиев“ подготвивме видео реклама на тема „Проблемот за младите“ и се натпреварувавме на натпреварот МАССУМ, натпревар за средни стручни училишта. Темата на нашата реклама беше да ги покажеме потешкотиите на онлајн учењето и како некој од учениците немаат услови, односно немаат компјутери, лаптоп и интернет и со тоа сакаме да ги поттикнеме институциите и сите граѓани што можат да помогнат за да можеме сите да имаме  нормално образование. Вкупно учествувавме шестмина ученици под менторство на класната раководителка, Голубина Цекова и освоивме трета награда во силна конкуренција од сите стручни училишта од Македонија, рече Мила Велкова, учесничка на натпреварот МАССУМ.

Веб-страницата за која исто добија трето место ја работеа двајца ученици Сара Темелкова и Ненад Ристов под менторство на професорката  Розалија Војновска.

-За подготовката и изработката на веб-страницата која е наменета за нашето училиште освоивме трето место на натпреварот МАССУМ. Задоволни сме од успехот, со вложениот труд и целата организација на натпреварот, истакна Ненад Ристов, учесник во натпреварот МАССУМ

Наградите од натпреварот се попусти во студирањето на Универзитетот ФОН, така што првото место добива 100 % попуст во студирањето, второто 75% а третото место 50%. Секој учесник без разлика дали освоил место или не  добива 25% попуст така што наградите на ученицИте им се дополнителна мотивација  за учество на МАССУМ. Во подготовката за учество на МАССУМ учениците ја имаат целосната поддршка од нивните ментори професорите и менаџерскот тим на училиштето.

Младинска Асоцијација на Средните Стручни училишта во Македонија-МАССУМ, официјално постои од 2006 година и има за цел да го подобри животот на младите, да ги подготви за лидерство, нивен личен напредок и поголем успех во кариерата. Мисијата на МАССУМ е подобрување на личните вредности на учениците и нивна подготовка за светот на конкуренцијата преку лидерство, практична работа и учење а целта е да се развие свеста кај учениците за глобалното значење на демократијата и нејзиниот придонес за развој на општеството и да се развијат вештини за комуникација, толеранција, тимска работа, решавање на проблеми, организирање на активности, правилно искористување на ресурси, компетентно и напредно лидерство.

Учениците од кочанското училиште се презадоволни од постигнатите резултати на досегашните натпреварувања на МАССУМ. Лани освоија трето место во категориите најдобар постер и најдобра фотографија а учествуваа и со филм за заштита на животната  средина и екологијата како и интервју на англиски јазик.

Линк до наградената веб-страница.

Сподели: