Трет ден блокади – отпорот на граѓаните против Градската депонија продолжува  

Трет ден граѓаните на Кочани организирани во целодневни смени ги блокираат камионите за комунален отпад на патот кон Градската депонија во Кочани.

Распоредени во 24 часовни смени жителите на Кочани и населените места не попуштаат пред своите барањата за целосен престан на чадењето на депонијата, расчистување на просторот и третирање со алги. Дополнително, инсистираат на што поскоро оградување на депонијата, поставување на видео надзор и 24 часовно физичко обезбедување на истата, трајна забрана за депонирање на отпад од соседните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци со цел трајна дислокација на кочанското ѓубриште и на населените лица кои престојуваат на депонијата заради бизнис.

Голем број на граѓани и компании се одзваа и ја покажаа својата солидарност со донирање на храна, вода и останати потреби за граѓаните кои неуморно 24 часа го блокираат сообраќајот за комуналните возила.

Во меѓувреме, комуналните претпријатија на Кочани, Виница и Чешиново-Облешево преку соопштение се огласија дека нема да го собираат отпадот од домаќинствата поради блокади на патот кон депонијата и неможност за исфрлање на отпадот на истата.

Граѓаните на социјалните мрежи веќе реагираат дека дворовите и јавните површини во градот се затрупуваат со отпад. Засега КЈП „Водовод“ освен соопштение дека нема да го собира сметот нема изнајдено решение што со ѓубрето кое се трупа по улиците и дворовите и не се одложува.

На последната седница на Советот на Општина Кочани советниците едногласно изгласаа депонијата во Кочани да добие приватно обезбедување, ограда, соодветна машина и фирма што ќе врши постојано уредување на теренот при што се чека на реализација на донесените заклучоци.

И. Матеничарски

Сподели: