Триесет климатизери за училиштата „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“

Општина Кочани доби донација од 30 инвертер-клими, согласно јавниот повик на Генералниот секретаријат на Владата на РС Македонија за избор и рангирање на општините  корисници на опремата од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година.

По поднесената апликација од Општина Кочани, по 15 климатизери се доделени на  основните училишта „Раде Кратовче“ и на „Малина Попиванова“.

Според најавите на градоначалнико Николчо Илијев, за да се намали аерозагадувањето, и во наредниот период ќе се менува начинот на загревање на училишните капацитети, а ќе се работи и на зголемување на енергетската ефикасност.

Во декември 2020 година, Општина Кочани исплати 700 илјади денари на граѓаните што поднесоа барање за субвенции за печки на пелети и инвертер-климатизери, според мерката за намалување на продукцијата на штетни материи во воздухот кои настануваат од загревањето во домаќинствата.

По предлог на градоначалникот, Советот на Општина Кочани ја усвои одлуката за поддршка на сите што ги исполнуваат условите од поднесените 159 барања за овој вид субвенции.

Субвенционирањето на инвертер-климите и печките на пелети е само една од повеќето мерки што ги презема Општина Кочани за намалување на аерозагадувањето, за кое  за 2021 година се наменети 900 илјади денари. Во другите мерки од Програмата за заштита на животната средина влегуваат анализи на квалитетот на животна средина; субвениционирање на велосипеди, како и реализација на Планот за ревегетација на Кочанска Река, за што се планирани вкупно 2,5 милиони денари од општинскиот буџет.

Сподели: