Локалните и централни власти четвртта година по ред ја отвораат и никако да ја доотворат новата детска градинка во населбата Драчевик.

Градинката започна да се гради во 2020 година и истата беше завршена во предвидениот рок од 16 месеци за изградба. На различни увиди и технички приеми низ градинката и пред објективот на новинарите поминаа разни делегации кои на секое свое доаѓање во Кочани ја отвораа или најавуваа отворање на новата детска градинка.
Првата најава за отворање стигна во екот на кампањата за локалните избори во 2021 година, кога тогашната министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во придружба со тогашниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Николчо Илијев на прес-конференција со новинарите најавија технички прием за две седмици и пуштање во употреба на градинката.
По промената на локалната власт во октомври 2021 година и доаѓањето на Љупчо Папазов за градоначалник на Кочани веќе изградената градинка, по добивање на потребните согласности требаше да ги прими првите деца. Но тогаш се јавија други проблеми поради кои, како што тогаш се соопштуваше, неквалитетна изведба на објектот. По две години од преземањето на локалната власт и новата техничка Влада, техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, во февруари 2024 заедно со Папазов извршија увид на истата.
Во април истата 2024 за време на кампањата за парламентарните избори министерот Велковски повторно во придружба на Папазов втор пат врши увид и како што тогаш беше речено при посетата, во тој момент се уште се санираа недостатоците кои биле воочени по завршување на изградбата.
На 1 февруари 2025 година, премиерот Христијан Мицкоски, заедно со сега веќе заменик-министерот на новото министерство за социјална политика, демографија и млади, Велковски и градоначалникот Папазов официјално ја пуштија во употреба детската градинка, во која за жал се уште го нема детскиот џагор.
И така ден по ден, месец по месец, година по година, деновиве пак стигна повторна најава за пуштање во употреба на детската градинка. Овојпат, вршителот на должност, градоначалник на општина Кочани, Венко Крстевски најави нејзино отворање за два месеци, ветување кое го добива повторно од заменик-министерот Велковски.
И додека политичките функции се менуваат и политичките партии и политичари ветуваат отворање на градинката, листата на чекање за прием на дечиња во градинка е се поголема.
Ветувањето дека градинката ќе биде отворена за два месеци од сега уште веднаш паѓа во вода. Прво затоа што за некој месец се распишуват локалните избори и тешко дека ќе може да се реализираат потребните вработувања и добивање согласности. Второ, ако бидеме реални, дали навистина мислиме дека централната власт ќе дозволи независниот градоначалник избран со поддршка на советниците од СДСМ, да отвори градинка која не успеаа да ја пуштат во употреба ниту нивниот претходник, ниту пак тој пред него?
На крај, по се изгледа градинката ќе остане старо-ново политичко ветување на некој следен кандидат за градоначалник на Кочани.
И. Матеничарски