Повеќе од три месеци се реконструираат 785 метри од улицата „Борис Трајковски“ откако на 11 март беше објавено дека започнуваат активност за рехабилитација на улицата од спојот со „Кеј на Револуцијата“ до спојот со улицата „Раде Кратовче“.
Граѓани до интернет-порталот „Гласно“ реагираат дека бавната изведба на 785-те метри за реконструкција им го отежнува секојдневното функционирање и пристап до своите домови.
Дека ситуацијата на терен е таква зборуваат и фотографиите на кои освен минималните активности за поставување на бекатон плочки на тротоарските површини и нема некоја поголема раздвиженост ниту на работници во работните денови ниту на градежни машини.
– Рехабилитацијата опфаќа гребење на асфалтот, санирање на дупките, решавање на одводнувањето со бетонски сливни решетки за атмосферска канализација и поставување нов асфалтен слој. Додека траат градежните активности, сообраќајот ќе се одвива според времен режим, информираа на почетокот на реконструкцијата од Општина Кочани.
Граѓани претходно во други медиуми реагираа и на лошо поставување на рабниците на коловозот и затворање на пристапот до зградата лоцирана на почетокот на улицата „Борис Трајковски“ како и недостаток на атмосферска канализација и купишта градежен смет на тој потег.
Граѓаните кои живеат на улицата „Борис Трајковски“ и околните улици реагираат дека во лоша состојба по изведувањето на градежните работи е и улицата „Гоце Делчев“ и „Цар Самоил“. И по тие две улици во моментот е отежнато движењето на возила и пешаци и тешко се пристапува до овој дел на градот.
Улицата „Раде Кратовче“ како единствена функционална во моментот е оптеретена од возила кои минуваат по неа. Пред една седмица читател испрати фотографии од оштетување на телефонски кабли од страна на тешки теретни возила кои ја користат улицата.
Граѓаните побараа да се интензивираат градежните работи и што поскоро реконструкцијата да биде завршена.
Изведувач на работите е градежната фирма „Ескаваторе“, надзор – „Геинг“, а инвеститор е Министерството за транспорт и врски, со средства обезбедени од Светска банка.
И. Матеничарски