Тројца кочанчани меѓу најуспешните тренери по гимнастика во италијанскиот град Болцано

Тројца поранешни гимнастичари на КГС „Партизан“ – Кочани Гоше Данилов, Лилјана Накова  Димитрова и Зоран Алексов се тренери по гимнастика во гимнастичарските клубови „Атезина Болцано“ и „ССВ Боцен“ во италијанскиот град Болацано.

Кочанските гимнастичари љубовта кон гимнастиката ја продолжиле во Италија каде повеќе години живеат, работат и хонорарно тренираат млади гимнастичари во италијанскиот град Болцано.

Гоше Данилов кој повеќе од 20 години живее во Болцано за интернет – порталот „Гласно“ сподели дека уште од првиот ден во Италија се приклучил  на гимнастичарскиот клуб „Атезина Болцано“ како тренер на млади гимнастичари.

– Љубовта кон гимнастиката ја продолжив во Италија каде уште од првиот ден кога дојдов се приклучив во клубот „Атезина Болцано“. Моментално целата асоцијација во Болцано брои над 300 гимнастичари, од кои 30 активни такмичари на натпреварувања ширум Италија. Гимнастичарите се поделени во различни категории на возраст од  3 до 20 години. Тренираме секој ден и се натпреваруваме во највисоките категории, истакна Данилов.

Кочанските гимнастичари, а сега веќе и тренери, Гоше, Зоран и Лилјана се лиценцирани тренери од страна на италијанската гимнастичарска федерација од висока категорија  за што имаат лиценци и проверки преку курсеви во текот на годината.

– Моментално тренирам гимнастичари  кои се натпреваруваат во највисоката категорија во Италија, ГОЛД категорија на регионите Венето, Тренто – Трентино , Алто Адиџе. Во сабота имаме натпреварување за кое ги подготвуваме и очекуваме високи резултати, додаде Данилов.

Најголем дел од гимнастичарите се италијани и германци, но се наоѓа и по некое македонско дете, ни раскажа Данилов.

– Во Италија има одлични услови за развој на гимнастика. Прекрасни сали опремени со сите справи се мотивација за сите за постигнување на високи резултати. Италија како држава има познати гимнастичари кои освојуваат олимписки медали како Ванеса Ферари и Никола Бартолини, додаде Данилов.

Судбината ги споила некогашните клупски колеги на кочански „Партизан“  своите вештини и знаења да ги споделуваат во Италија, притоа потсетувајки се на успесите и времињата кога „душекот“ и гимнастиката во Кочани беа спорт број еден во градот.

И. Матеничарски

Сподели: