Угина царскиот орел што беше спасен од пожарите на Пониква, на Осоговските Планини од страна на пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
Птицата угинала вчера попладне во Зоолошката градина во Скопје каде беше сместена, потврдија од ДПД-Кочани. Царскиот орел е однесен на Факултетот за Ветеринарна медицина каде ќе се изврши обдукција за да се утврди причината за угинувањето. Од Македонското еколошко друштво ги известиле ДПД-Кочани и ја потврдиле информацијата за Државниот инспекторат за животна средина при што по завршување на обдукцијата ќе биде споделена информација за јавноста.
Царскиот орел припаѓа на групата загрозени видови птици и се проценува дека во Македонија има само десетина двојки. Едно од неговите природни живеалишта е во околината на локалитетот Раткова Скала на Осоговските Планини. Поради пожарите кај селото Зеленград, кое е во непосредна близина на локалитетот, птицата била повредена, дезориентирана и не можела да се врати во своето гнездо.