Сопствениците на угостителските објекти сместени на СРЦ „Пониква“ до интернет-порталот „Гласно“ испратија реакција во пресрет на одржувањето на ридско-брзинската трка на „Пониква“, која е закажана за викендов на 3-ти и 4-ти октомври.
Во реакцијата стои:
„Ние како угостители, жители и редовни посетители на Осоговските планини го прилагаме ова барање до надлежните органи на Општина Кочани за прекин на одржување на планинските трки кои ќе се одржат по втор пат оваа год.
Како првична причина за приложување на ова барање ќе ја наведеме моменталната ситуација во државата, а воедно и мерките за заштита на Министерството за здравство,со тоа што дозволувајќи да се одржат трките, дозволуваме и масовно групирање на група на луѓе на едно место.
Како причина сакаме да ја наведеме и штетата која претрпуваат угостителските објекти, со тоа што повторно се здобиваат со неработен викенд, а воедно и финансиска непогода по кои знае кои пат оваа година.
Кон ова барање најмногу се приклучуваат жителите и редовните посетители на планината со што бараме слободен пат до своите домови и викендици.
Исто така сакаме и да напоменеме дека со дозволување да се одржат овие трки дозволувате и да се уништат ново реконструираниот патен правец, банкини и ивичњаци, кои за жал никој не ги санира повторно, ниту пак самиот организатор на истите тие трки превзема било каква одговорност.
Дозволете им на љубителите на планината да уживаат во природата”.
Со почит,
Група на граѓани, угостители и посетители на Осоговските планини
Оттаму додаваат дека за нив прифатливо би било трките да се организираат во текот на неделата, а не за време на викенд кога „Пониква“ ја посетуваат гости од целата држава. Како што велат, загубата што ја трпат е ненадоместлива, па поради тоа бараат надлежните институции и организаторите на трката да им излезат во пресрет.