Угостителите ослободени од таксата за користење јавна прометна површина додека траат превентивните мерки

Советот на Општина Кочани денес ја одржа 37. редовна седница. Со дневен ред на кој се најдоа четиринаесет точки, од кои најголем дел се однесуваа на завршните сметки на основните и средните училишта, Детската градинка „Павлина Велјанова“, Библиотеката „Искра“, КЈП „Водовод“ и на Општина Кочани. Сите точки, без особени дискусии, беа усвоени.

Заради подетално информирање на Советот за актуелната состојба со болеста COVID-19, градоначалникот Николчо Илијев ги образложи преземаните мерки за превенција од коронавирусот.

Поради применувањето на мерката за скратување на работното време на кафетериите и угостителските објекти до 18 ч., членот на Советот Јордан Димитров предложи Општина Кочани да ги ослободи овие субјекти од таксата за користење на јавно-прометна површина. Градоначалникот Илијев истакна дека предлогот е целосно прифатлив и по изгласувањето од Советот, општинските служби може да го применуваат за периодот додека ќе важи ограниченото работно време како превентивна мерка од коронавирусот.

Сподели: