Угостителите од Трговскиот центар блок А ја обвинија Општина Кочани за селективност при постапувањето за рушење на нелегални објекти откако периодов се донесени решенија за отстранување на времените објекти пред нивните угостителските објекти.

Во писмен допис до интернет-порталот „Гласно“ соопштија дека според нивни информации во Општина Кочани има околу 700 извршни решенија за отстранување за дивоградби кои во моментот се заборавени, а се врши притисок за отстранување времени објекти со решенија кои се донесени во последниот месец.
– Според наши сознанија инспекциските служби во Општина Кочани низ годините имаат донесено околу 700 извршни решенија за рушење на нелегални објекти. Прашуваме зошто општината прави селективност во рушењето, зошто се дава приоритет на нашите времени објекти за кои се донесени решенија во последниот месец, а не се рушат оние 700 објекти кои чекаат на извршување со години, стои во писмениот допис.
Угостителите се револтирани бидејки општината врши селективно рушење на објекти и сметаат дека со ова се врши притисок кон нив што води кон затворање на бизнисите од кои опстојуваат сопствениците и вработените.
– Без разлика на се, ние како угостители сме спремни повторно да седнеме на маса со градоначалникот и надлежните служби во општината и одново да разговараме за ситуацијата. Да ни се објасни што смееме, а што не смееме да поставиме пред нашите објекти. Рушењето на времените објекти нема да биде од корист ни на нас сопственциите и вработените, ниту на општината, а најмалку на граѓаните, стои во дописот.
Притоа истакнаа дека поради ситуацијата со трагедијата во Кочани имаат намален промет, едвај опстојуваат и врзуваат крај со крај, а рушењето за нив значи клуч на врата на пицериите.
И. Матеничарски