Угостителските објекти во Кочани вчеравечер под двочасовна опсада, засилени контроли на полицијата и инспекциските служби

Кочанските угостителски објекти вчеравечер беа под неколучасовна опсада од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи и инспекциски служби од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен и трудов инспекторат во рамки на засилената акциска контрола на локали на подрачјето на Кочани.

Униформирани полициски службеници, инспектори и цивилна полиција, полициски специјалци со полна опрема и полициски службени кучиња, некаде по полноќ ги блокираа влезовите на угостителските објекти во центарот на градот, при што извршија детална контрола на затекнатите гости во содејство со надлежните инспекциски служби.

Притоа од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека како резултат на засилената акциска контрола откриени се 39 лица кои биле во угостителските објекти без поседување на ковид-сертификат, а кај две лица откриени се лажни ковид-сертификати. Притоа затекнати се и 26 малолетници по 00.00 часот, евидентирани се прекршоци по основ на Законот за пушење, а во еден случај и согласно Законот за оружје, бидејќи кај едно малолетно лице бил пронајден нож.

Гостите во угостителските објекти реагираа до интернет-порталот „Гласно“ поради начинот на спроведување на полициската контрола и неколкучасовната опсада на угостителските објекти кои гостите ги напуштија дури по два часа од започнување на акциската контрола.

– Со автоматски пушки, наоружани до заби, со панцири и полна опрема, со службени кучиња и камери дојдоа во локалот да скенираат сертификати. Искрено бевме видно вознемирени поради начинот на кој ја спроведуваа акциската контрола која можеше да се спроведе на многу поорганизиран начин, ни кажа Петар. Т,  гостин во еден од локалите.

Во друг локал во Кочани, гостин ни се пожали дека иако уредно бил легитимиран од полициските службеници, два часа не му било дозволено да го напушти локалот.

– Два часа, од полноќ па до 02 ч.  не ми беше дозволено да го напуштам локалот. Бев уредно легитимиран, покажав лична карта, валиден сертификат, им понудив да ми направат џебен претрес и да ме ослободат од опсадата. Одбија без образложение. Како најголемите криминалци бевме држани во локалот. По пет пати легитимираа едни исти луѓе, изживување до тој степен што во локалот интервенираше екипа на Брза помош, ни сподели Димитар. К, гостин во еден од угостителските објекти кои се затворени од страна на инспекцијата.

Во акциската контрола на полицијата затворени се три угостителски објекти, поради евидентирани три кривични дела – две по член 378 („фалсификување исправа“) и едно по член 204 („точење алкохол на малолетно лице“), а регистрирани се и 36 прекршоци по разни основи од доменот на работа на ДПИ, ДТИ и УЈП.

Од страна на полициските службници евидентирани се 39 прекршоци по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести, 43 прекршоци по основ на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, три по основ на Закон за лична карта, како и 23 прекршоци по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, додека пак, 31 лице се приведени.

И. Матеничарски

Сподели: